Царовска: 14 ученици се позитивни на ковид, ниту еден не е заразен во училиште

Четиринаесет ученици во основните и средните училишта се позитивни на Ковид-19. Ниту еден од нив не е заразен во училиште, интерна трансмисија во училиштата нема“, изјави министерката за образование, Мила Царовска при посетата на основното училиште ,,Ацо Шопов’’ во населба Радишани.

Според неа, позитивни на ковид се 0,01 отсто од  учениците кои што ја следат наставата со физичко присуство, а станува збор за над 233 илјади ученици во земјата. Санитарната инспекција е на терен.

Таа ги повика наставниците и учениците да се придржуваат до протоколите, оти само на тој начин ќе се овозможи да продолжи наставата со физичко присуство.

Според податоците на Министерството за образование и наука, ист е процентот на заразени и кај наставниот кадар.

„Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички персонал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите“, велат надлежните.