Царовска: Ако се влоши состојбата, ќе донесеме други одлуки за образовните протоколи

Зголемувањето на бројот на позитивните случаи на Ковид-19, ќе претставува предизвик и за учебната година. Со образовните протоколи се трудиме да ја држиме под контрола епидемиолошката состојба, но доколку таа остана каква што е или пак се влоши, тогаш ќе размислиме и за други одлуки, изјави министерката за образование, Мила Царовска. Но, иако ТВ21 ја праша, таа не одговори колку треба да биде епидемиолошката граница, односно колку позитивни случаи на коронавирус треба да има на дневна база, за да се знае дали ќе се затворат или отворат училиштата?

Но, и покрај растот на новозаразени, група родители кои сакаат децата да се вратат на училиште, се заканија со тужба до Уставниот суд. Предизвик за учење од далечина е и ај-ти опремата за учениците и наставниците. Само во училиштето „Петар Здравковски-Пенко“ околу 120 деца образовниот процес го следат од јавниот сервис.

ТВ21: Колку ученици од ова училиште немаат опрема за следење онлајн настава?
МЕХМЕТИ: Околу 120 ученици. Материјалите ќе им бидат доставени од страна на секој наставник, и како што рече министерката, наставата ќе ја следат од националната радио телевизија.

Онлајн наставата го вклучи алармот и околу условите во кои работат наставниците.

-На некои од колегите им е двојно зголемен работниот учинок, односно двојно им е зголемен фондот на часови, што е спротивно на Законот за наставниците и стручните соработници, а со тоа работните обврски во денот им надминуваат и над 8 часа. Исто така, МОН не ги почитува приватниот живот и работното време на наставниците, со тоа што доставува работни задачи до наставниците во 23 часот и бара тие да бидат завршени до утринските часови наредниот ден-самостоен синдикат за образование и наука.

Царовска ги повика родителите и наставниците да бидат солидарни.

Во меѓувреме, образовниот процес во земјата се одвива во три формати – во училишта со физичко присуство, од дистанца преку Национална платформа и преку Македонската радио телевизија.