Царовска посочи дека примарна цел на професионалната рехабилитација е да им овозможи на лицата со попреченост да обезбедат и задржат соодветно вработување.
„Затоа МТСП му дава особено значење на процесот на воведувањето на професионалната рехабилитација, како можност лицата со попреченост да се вработат или да напредуваат во соодветното вработување, а со тоа да се поттикне и интеграцијата и реинтеграцијата на овие лица во општеството. Крајната цел е враќање на лицата со попреченост во профитабилно вработување и вклучување на пазарот на трудот, имајќи предвид дека ИКТ технологијата обезбедува се’ повеќе работни места и бара унапредување на вештините со кои и ќе се зголеми конкурентноста“, рече министерката.
Царовска нагласи дека покрај напорите да се олесни влезот на пазарот на трудот на лицата со попреченост, клучно е и да се подигне свеста кај македонските компании за способностите и можностите на овие лица и дека лицата со попреченост не треба да се перцепираат само како индивидуи на кои им е потребна помош, туку дека тие се вредни и посветени работници и дека можат да бидат ефективни и ефикасни доколку им се даде шанса.
Проектот на УСАИД за Социјална инклузија преку технологија е имплементиран од фондацијата „iVote“ во соработка со граѓанската организација „Отворете ги прозорците“ и здружението за студенти и младинци со попреченост во Македонија. Главната цел на проектот е да ја зголеми инклузијата и интеграцијата на младите луѓе со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, особено во брзо растечкиот ИКТ сектор преку онлајн курсеви и практично искуство во ИКТ компаниите во земјава