На Десеттата јубилејна манифестација на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, на која беа доделени наградите за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија за 2017 година, покрај Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за економија, Крешник Бектеши, амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, се обрати и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Министерството за труд и социјална политика е иницијатор на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, формирано во 2007 година во рамки на Економско социјалниот совет, но со проширен состав во кој се вклучени стопанските комори, експерти, владини и граѓански организации, медиуми итн. Царовска посочи дека ја поддржува работата на ова тело, кое дава можност за проширен и отворен социјален и економски дијалог.
Според неа, преку развивање и примена на концептот на општествена одговорност, Република Македонија ќе биде поблиску до достигнување на целите за одржлив развој 2030. Тоа не е само универзален сет од цели кои треба да се постигнат во наредните 13 години, туку значат и поттик, стимулирање на дијалог, партнерство и заеднички активности на граѓани, групи, организации и институции, чија заедничка работа на различни цели ќе влијае на развојот на општеството.
Во своето обраќање Царовска, исто така нагласи дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за соработка со македонските компании, кои во своето работење препознаа можност за вклучување во промените во општеството.