Цела АНБ на „прав пат“ во СДСМ

Пребојадисан во црвена и бела боја, под мотото „На прав пат“, СДСМ ќе почне нова кампања, но иако „рембриндирана“ очигледно владејачката партија не може да си ги смени навиките во целосно партизирање на државните институции.

Во најмала рака, доколку тоа нема поинаква порака, неумесно и загрижувачки е што на вчерашната промоција на оваа кампања за која СДСМ тврдат дека не е подготовка за предвремени избори, да се појават лица од самиот врв на новосоздадената Агенција за национална безбедност, на чело со директорот Виктор Димовски.

Имено кадрите кои беа емитувани на телевизиите јасно покажуваат дека покрај Димовски, во партиското седиште на СДСМ присуствува и Марјан Кицев, полициски службеник од Кавадарци кој моментално е на позицијата професионален секретар на Полицискиот синдикат, но и член на Комисијата за селекција и избор на работници на Управта за безбедност и контраразунавање во Агенцијата за национална безбедност.

„На купчето“ е и Јовче Ременски, сопруг на социјалдемократската пратеничка Фросина Ременски, помошник директор во Управата за безбедност и контраразузнавање, инаку и двајцата споменувани во скандалот „Рекет“ по дружбите и соработките со првоосомничениот во случајот Бојан Јовановски Боки 13-ка.

Неодминлив во ова друштво е и советникот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Драган Симоновски, инаку лани осомничен за оддавање службена тајна.

НетПрес веќе во серија текстови предупреди дека  селекција на вработени во Агенцијата за национална безбедност се одвива спротивно на законот и по партиска линија.  НетПрес, од извори од Агенција доби информации дека екипирањето на АНБ во изминатиот период се врши спротивно на Законот за формирање на оваа агенција и целосно по партиска линија и претходно утврден „список“ на лица кои треба да преминат од УБК во АНБ.

Покрај ова, извори од Агенцијата, а истото го потврди и пратеникот Димков не се извршени и најсуштинските тестирања за новите разузнавачи како тестот на интегритет, писмо тестирање и други проверки. Според нашите извори, неправилности се сторени и при издавањето на безбедносни сертификати. а тоа го потврди и пратеникот Трајко Димков кој си поднесе оставка од Комисијата за селекција и избор на работници од УБК во АНБ.

Посочените кадри, судејќи според сѐ, недвосмислено ги потврдуваат ваквите констатации.