Целите на Европската унија за производство и увоз на ткн „зелено водородно“ гориво се нереални и веројатно нема да бидат исполнети и покрај финансирањето од милијарди евра, проценува Европскиот ревизорски суд (ECA), според извештајот објавен во средата.
Европската комисија постави цели за производство до 10 милиони тони обновлив водород до 2030 година и увоз на дополнителни 10 милиони тони. Иако не се обврзувачки, целите се дел од плановите на блокот да стави крај на зависноста од рускиот увоз на енергија.
Во извештајот, ECA наведува дека овие цели се засноваат на „политичка волја“ наместо на темелна анализа, а ЕУ е далеку од нивно исполнување.
Друга цел поставена од Брисел, која вклучува инсталирање на најмалку 40 гигавати обновливи електролизери на водород до 2030 година, беше идејата предложена во документи од група на лобито за водород, откриваат ревизорите.
И покрај финансирањето од 18,8 милијарди евра од ЕУ за проекти за зелен водород, проектите што би додале помалку од 5 GW производствен капацитет до 2030 година достигнаа напредна фаза, иако проектите со вкупна моќност од околу 50 GW се исто така во рана фаза на проценка.
Зелениот водород се смета за клучен за исполнување на обврските на ЕУ за климатските промени. Се произведува со користење на обновлива енергија за разделување на водата, процес кој не произведува емисии на CO2, а ЕУ смета на него за да ги декарбонизира индустриските процеси како што се производството на челик и ѓубрива.
„Индустриската политика на ЕУ за обновливите извори на водород треба да се соочи со реалноста“, наведува ревизорот Стеф Блок, кој го водел изготвувањеето на извештајот.
Од ECA наведуваат и дека Европската комисија треба да осмисли поцелен пристап за распределба на оскудните средства од ЕУ и да ги ажурира своите политики за поттикнување на проекти за водород.
Портпарол на Комисијата за Reuters рекол дека предвид е земен извештајот и признал дека пазарот на водород „постепено“ се обликува.
„Нашата работа е далеку од завршена. Сега мораме да го забрзаме распоредувањето и усвојувањето на обновливиот водород со низок јаглерод во Европа“, рекол портпаролот.