Целосна поддршка на Заев да ги продолжи разговорите за името

Централниот одбор на СДСМ му даде целосна поддршка на претседателот Зоран Заев да ги продолжи разговорите и да носи одлуки во врска со спорот за името, соопштија од партијата.
Во своето обраќање пред членовите на ЦО, претседателот Заев истакна дека Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање на достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.

Централниот одбор на СДСМ вчеравечер ја одржа шестата седница. На седницата се разговараше за актуелната политичка состојба во земјава, за разговорите околу проблемот што Грција го има со нашето уставно име, спроведувањето на реформите и мерките од програмата коишто обезбедуваат подобар живот за граѓаните, а стана збор и за внатрепартиските активности како и за одредени кадровски прашања, соопштија од СДСМ.

Зборувајќи за придобивките од постигнувањето на решение на овој децениски спор којшто ја влечеше Македонија надолу, претседателот Заев додаде дека вистински патриотизам е да се обезбеди иднината на земјата, на граѓаните.

Со решението добиваме покана за членство во НАТО и се отвора можност за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ. Со тоа ќе се осигура нашата, но и индината на идните генерации. Тоа значи сигурност но и повеќе инвестиции, стабилност но и забрзан развој, економски силна Македонија, посочи Заев.