Целосната забрана за испорака на руски јаглен во Европската унија стапи на сила денеска

Целосната забрана за испорака на руски јаглен во Европската унија, како една од мерките за санкции што Западот ги презема против Русија, стапи на сила денеска на 1 август.

Оваа мерка е вклучена во петтиот пакет санкции на Европската унија кој беше усвоен на почетокот на април. Документот подразбира постепено напуштање на увозот на руски јаглен. А од 1 август годинава, според овој пакет, земјите од ЕУ воведуваат целосна забрана за испорака на јаглен од Русија, пишува Спутник.

Според текстот на документот, оваа мерка вклучува „забрана за купување, увоз или испорака на јаглен и други цврсти фосилни горива во Европската унија доколку потекнуваат од Русија или се извезуваат од Русија, почнувајќи од август 2022 година“.

Во моментот на одлуката, увозот на руски јаглен во Европската унија изнесуваше 8 милијарди евра годишно. Според податоците на Министерството за енергетика на Русија, учеството на земјите од ЕУ во вкупниот извоз на руски јаглен во 2021 година изнесува 21,8 отсто, што е нешто повеќе од 48,7 милиони тони јаглен. Во 2020 година таа бројка беше малку повисока – 22 отсто од вкупниот извоз. Според зборовите на министерот за енергетика на Русија, Николај Шулгинов, производите на руските компании за јаглен ќе се преориентираат на алтернативни пазари во услови на повлекување на ЕУ од увоз.

Во меѓувреме, во обид да ја намали потрошувачката на руски гас, Европа ја зголемува употребата на јаглен во електроиндустријата. Франција, на пример, најави можно рестартирање на електраната на јаглен „Сен Аволд“ на североистокот на земјата. а денеска ваква одлука донесе и Германија, која најави повторно рестартирање на електраните на јаглен. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), потрошувачката на јаглен во Европската унија ќе се зголеми за 7 отсто во 2022 година, во споредба со минатогодишниот скок од 14 отсто.