
Во пожар изгоре викендица во атарот на селото Карбинци. Штипските пожарникари по дојавата од граѓанин веднаш реагирале и на терен излегле со две возила и пет пожарникари. Но, кога пристигнале огнените јазици веќе целосно ја зафатиле викендицата. Во гаснењето на пожарот се вклучиле и граѓани, па едно лице се здобило и со изгореници, за што е повикана и Итната медицинска помош, по што е пренесен во штипската Клиничка болница.
Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска вели дека станува збор за маж на возраст од над 50 години, на кого му се констатирани изгореници од втор и трет степен на главата. Лицето е сместено на Одделението за хирургија и е во стабилна состојба.
Надлежните од Територијалната противпожарна единица велат дека причините за пожарот треба да ги утврди крим техника, којашто излегла на увид. Во штипско-карбинскиот регион изминатите денови во пожар изгореа четири куќи и една викендица.