Целосно решен проблемот со стечајците и професионалните војници

Проблемот со стечајците, кои што останале без работа од фирми во целосна или доминантна државна сопственост, е целосно решен, рече премиерот Никола Груевски.

Тој нагласи дека овој проблем датира уште од времето на владеењето на СДСМ.

„СДСМ имаше можност, но не го реши ова прашање и покрај тоа што стечајците и професионалните војници штрајкуваа и протестираа.  Огромниот број од тие стечајци е создаден во времето на СДСМ, во приватизацијата“, рече Груевски.

Тој нагласи дека се единствената влада која се погрижила да го реши ова прашање.

„И за професионалните војници прашањето е затворено. Сите по нивната 45 година ќе добијат работа во државна инситуција. Тоа им е загарантирано со закон. И на оние на кои што им истече договорот претходно и тие се целосно опфатени со овој закон“, рече Груевски.

Според него, мора да се направи разграничување на стечајците кои останале без работа од фирми во државна и фирми во приватна сопственост.

„Со овој закон се опфатени стечајците кои останале без работа од фирма со доминантен општестен капитал, каде што државата директно или индиректно е виновна за стечајот“, рече Груевски, која нагласи дека никаде во светот државата не може да ги плаќа работниците кои останале без работа од приватна фирма која отишла под стечај.

Но, уште еднаш потенцираше дека останува и грижата за таа категорија на граѓани и тоа преку најразлични програми, обуки и тренинзи како и мотивирање на домашните и странски инвеститори да ангажираат токму такви работници.