По мајката и бебето кои во болнички кревет се лекуваат од туберкулоза, денес хоспитализирани се и останатите четворица членови на ова кумановско семејство, пренесува „Телма“, според чии информации иако се без симптоми и во добра здравствена состојба, сепак се инфицирани со туберкулоза.
Со дополнителни анализи ќе се утврдува дали се само носители на вирусот или пак заболени.
-Тие секако дека треба да се изолирани, овој позитивен тест не значи дека се болни туку значи дека се инфицирани со туберкулоза. И сега од понатамошните други анализи зависи дали овие деца ќе бидат поставени на заштитна терапија за да не развијат активна болест или ќе ги лекуваме како болест, како туберкулоза, вели д-р Катерина Бошковска, раководител на одделот за туберкулоза во ЈЗУ Институт Козле.
До вчера тие беа во својот дом во населбата Банево Трло во Куманово и според сведочењата на таткото – дискриминирани и отфрлени од околината. Тој една недела не оди на работа, а ниту децата во училиште, додека надлежните не се „на чисто“ за нивната здравствена состојба.