„Целта е да се освои арапскиот свет, а потоа и другите“

Во разговор за Си Ен Ен, поранешен борец на ИСИС открил некои помалку познати детали за Исламската држава.

Тој вели дека главната цел е да се создаде исламска држава која ќе го освои арапскиот свет.

„Потоа, одиме на другите држави”, рекол поранешниот борец на ИСИС, кој се наоѓа во Турција.

Тој пред само две седмици бил во сирискиот град Рака, кој припадниците на ИСИС го сметаат за свој главен град. На подрачјата кои ги освојуваат, вршат јавни ликвидации, камшикуваат луѓе, ги распнуваат на крстови, во училиштата забрануваат предмети како филозофија, музичко, спорт, а жените мора да бидат целосно прикриени.

Мажот кој не сакал да се идентификува, рекол дека групата шири “неправда под името на правдата”. Додал дека се согласува со идеологијата на групата која ги наметнува своите уверувања.

Се проценува дека до сега кон ИСИС се приклучиле илјадници борци од целиот свет, а соговорникот нагласил дека тие би можеле да извршат напади кога ќе се вратат во своите домови.

“Луѓето од Западот кои се дел од ИСИС, своите земји ги сметаат за “неверни”. Доколку имаат шанса, тие таму ќе извршат напади”, заклучил поранешниот припадник на ИСИС.