Целта е за фирмите да се обезбедат поевтини кредити со пониска камата

Комуникацијата со банките продолжува. Се очекува од нивна страна да се произнесат во однос на каматната стапка и нивната можност таа да биде на пониско ниво и од 3,25%, како и да се утврдат некои детали во однос на критериумите, ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во ТВ Сител, која истакна дека немало никаков проблем во разговорите со банкарскиот сектор и дека она што не можело да се договори бил рокот на отплата, но дека се најде заедничко решение.

„Со банкарскиот сектор единствено на некој начин не можевме да го договориме рокот на отплата, затоа што секоја банка има интерна процедура за носење одлука која зависи дали станува збор за опрема или градежни објекти. Целта беше да постигнеме заеднички договор со кој би утврдиле кои би биле роковите, односно тие да ги прифатат истите услови под кои ние го земавме кредитот, а тоа е 3 години грејс период и 12 години рок на отплата. На тој начин да избегнеме ситуација на одење на клиентите од една во друга банка. И ние во тој дел разговаравме. Во делот на каматата Владата останува доколку може да изнајде начин и да договори со банките на некој начин и тие да имаат општествена одговорност, а со цел да поттикнеме поголемо инвестирање. Тоа беше намерата на премиерот и во таа насока бараше и банките да одат во делумно субвенционирање на каматата, коешто ако ги поглeденеме сите кредитни линии што оделе од Развојната банка биле субвенционирани од Владата вклучително и онаа последна којашто е донесена како одлука од претходната Влада на 25.07.2023 година и со која се субвенционира од Владата, но каматата ја намалува за 1 п.п. кој го финансира банкарскиот сектор. Не нудевме ништо пoразлично од тоа што досега го имало претходно со Развојната банка. Премиерот имаше еден нов предлог и ќе видиме како ќе се произнесат банките. Ние секако ќе ја субвенционираме каматата и да видиме колку пониско ќе можат банките да ги пласираат средствата дури и под 3,25%“, рече министерката.

Таа потенцира дека не станува збор за субвенционирање на каматата на компаниите кои ќе ги земат кредитите, туку дека фирмите ќе платат пониска камата од она што е сега просечна по која ги добиваат средствата од банките.

„Фирмите ќе ја платат каматата која ќе биде пониска од она што во моментот го добиваат од комерцијалните банки, а тоа е просечно 4,9%. Можноста е сега тие да добијат пониска камата од 3,25% и таа да биде максимумот по кој би ги добиле средствата приватниот сектор“, рече министерката и потенцира дека никогаш не станало бор дека Владата ќе ги плати каматите на фирмите. „Целта, рече, е да се обезбедат поевтини кредити и да плаќаат пониска камата.

Во интервјуто министерката се осврна и на Предлог-буџетот за 2025 година за кој од денеска во рамки на Комисијата за финансирање и буџет почнува амандманската расправа.