Цемент со сомнителен квалитет се продава на домашниот пазар веќе подолг период. На пакувањата нема декларација на македонски јазик, што е законска обврска за сите производи од увоз. Исто така, на пакувањата не е одбележан датумот на производство, а цементот е производ со ограничен рок на траење, од три месеци. По овој период цементот не е со ист квалитет и неговата употреба во градежната индустрија не е безбедна. Употребата на цемент по истекот на неговиот рок, три месеци од датумот на производство, дополнително може да има негативни последици по околината.
И покрај тоа, ваквиот увозен цемент е во продажба во земјава и е овозможена негова широка употреба, како кај домаќинствата, така и кај градежните компании.
Продавачите од земјава кои нудат цемент произведен и спакуван според сите стандарди, реагираат дека во повеќе магацини овој „див“ цемент се нуди по многу пониска цена, создавајќи нелојана конкуренција, надвор од законот.
„Нетпрес“ побара одговор за оваа алармантна состојба на пазарот од Државниот пазарен инспекторат, за тоа како овој цемент се продава на пазарот, но досега нема никаков одговор.
Според наши извори, цементот со сомнителен квалитет и без декларации, во стовариштата се продава на „црно“ без да се издава фискална сметка. И како таков се увезува како сосема друг производ, а не како градежен материјал.
Дали ДПИ располага со вакви информации и дали инспекторите досега излегле на терен, треба надлежните да одговорат, иако, имаме информации дека легалните трговци со градежни материјали, повеќе пати за овој проблем побарале инспекциска интервенција. А, било реагирано и до Царинската управа, но до сега не добиле никаква повратна информација дека нешто е преземено.