Цементарница УСЈЕ обезбеди финансиска поддршка за учество на македонските спортисти на светските летни олимписки игри на Специјалната Олимпијада, што се одржуваат од 8-ми до 22-ри март во Абу Даби.
Македонската делегација на овие олимписки игри се состои од 26 членови од кои 14 се спортисти кои се натпреваруваат во дисциплините: пливање, атлетика и инклузивна кошарка. За сите нив поединечно Цементарница УСЈЕ обезбеди сет од спортска опрема која е неопходна за учество на игрите.
Македонските репрезентативци во рамките на Специјалната олимпијада, освоија неколку 7 медали и тоа, три златни, еден сребрен и три бронзени. Бронзен медал освои кошаркарската репрезентација, а златен медал освоија пливачите Марио Мицковски и Стефан Трпковски во категоријата пливање на 50 метри. Мицковски освои и втор златен медал во категоријата 25 метри грбно пливање. Атлетичарот Адриан Шабани освои еден сребрен и еден бронзен медал, во трката на 25 и 50 метри, а атлетичарката Сара Дураку освои бронзен медеал во трката на 100 метри.
„Ни претставува посебна чест и задоволство што имаме можност да го поддржиме учествотото на спортистите од нашата земја на еден толку значаен глобален спортски и хуман настан, каков што е Специјалната Олимпијада. Ваквиот вид поддршка е составен дел од нашата догорочна стратегија за општествено одговорно делување која прозлегува од нашата корпоративна култура и желба да ѝ помагаме на заедницата, а во тие рамки и на лицата со посебни потреби, на кои секој вид поддршка им е особено драгоцена“ – изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.
Организатор на настапот на спортистите од нашата земја на овие олимписки игри е организацијата „Специјална Олимпијада Македонија“ која уште од 2004-та година посветено работи на поттикување и инклузија на лицата со посебни потреби преку спортот. На претходните учества на овие олимписки игри, македонските спортисти постигнуваа одлични резултати и освојуваа медали, кои придонесуваат за афирмација на нашата земја.