Цената на барелот на лондонската берза е нешто повисока од 77 долари

Цените се стабилизираа во средата на меѓународните пазари, при што на лондонската берза барелот изнесуваше нешто повеќе од 77 долари, по корекција на цената предизвикана од очекувањата за намалена кинеска побарувачка.

Цената на барелот на лондонскиот пазар не се промени значително во однос на претходното затворање na тргувањето и изнесува 77,34 долари. И на американскиот пазар се тргува со барелот по непроменета цена од 73,27 долари.

Откако го надмина нивото од 82 долари во понеделникот минатата седмица, цената на нафтата во Лондон падна за 6,2 отсто до крајот на тргувањето во вторникот, на најниско ниво во последните две седмици од 77,20 долари. На американскиот пазар во истиот период цената падна за 7,5 отсто.

На ваквата корекција на цената најмногу влијаеше очекувањето за послаба побарувачка од Кина, инаку најголемиот светски увозник на нафта. Во исто време, се проценува дека минатонеделните резерви на сурова нафта во САД се зголемени. Официјалните проценки за резервите на американската влада ќе бидат објавени подоцна во текот на денот.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја заврши посетата на Блискиот исток со цел да помогне во постигнувањето прекин на огнот во Газа. Блинкен и посредниците од Египет и Катар ги зголемија надежите за американски предлог за прекин на огнот во Газа.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во посебен извештај објави дека во вторник цената на барел од нафтената кошница на нејзините членки паднала за 1,94 долари, на 78,69 долари.