Цената на гасот во Европа во текот на тргувањето во вторникот се искачи над плафонот од 2.500 долари за 1.000 кубни метри гас првпат по 8-ми март, што значи дека скокнала за 8 отсто во однос на претходниот трговски ден, покажуваат податоците на лондонската берза ICE.
Цената во септемвриските термински договори во хабот TTF во Холандија, најголемиот во Европа, се зголеми денеска на 2.501,7 долари за 1.000 кубни метри гас. Или, како што се изразува на лондонската берза ICE во евра и мегават часови врз основа на тековниот курс на доларот и еврото, тоа би изнесувало 238,765 евра за мегаватчас.
Зголемувањето на цените на гасот е поттикнато од растот на побарувачката и цените на енергенсот на поголемиот и побогат пазар во Азија, како и поради затворањето на бројни производни и транспортни гасни капацитети во Норвешка поради закажаното редовно одржување кон крајот на август.
Исто така, врз растот на цената на гасот влијае и драстичното намалување на енергенсот од Русија, растот на температурите во Европа и зголемената потрошувачка за разладување, како и намалување на генерирањето на ветроенергијата на континентот и другите алтернативни извори.
Истовремено во вторникот рускиот гасен гигант „Газпром“ објави дека претстојната зима цените на гасот во Европа може да се пробијат до плафонот од 4.000 долари за илјада метри гас.
„Според конзервативните процени, доколку продолжи трендот, цените зимава ќе надмината 4.000 долари за 1.000 кубни метри“, објавија од „Газпром“ на својот официјален Telegram канал.
Минатата седмица фјучерсите се тргуваа близу нивото 2.100 долари и постепено растеа, а на почетокот на трговската седмица остро скокнаа на 2.450 долари за 1.000 кубни метри гас. Истовремено, според податоците на Асоцијацијата на операторите со гасната инфраструктура во Европа, заклучно со 14-ти август во европските подземни складишта се надополнети за 48,6 милијарди кубни метри, а тоа значи пополнетост до 74,73 отсто од севкупните капацитети.
Од „Газпром“ проценуваат дека за пополнување на вкупните капацитети на подземните складишта во Европа на нивото од предпадемиската сезона 2019/2020 година, операторите ќе мора да дополнат уште 23,8 милијарди кубни метри гас.