Цената на лебот во Алепо и Идлиб се зголеми за 900 отсто

Со соборувањто на владата на претседателот Башар ал Асад, хуманитарната ситуација во Сирија и натаму е нестабилна но и се влошува.

Болниците ширум Сирија се преполни со голем број пациенти со тешки повреди и трауми, објави Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA).

„Многу луѓе страдаат од огромен психолошки стрес, а особено децата покажуваат знаци на траума“, соопшти во вторникот OCHA.

Во многу големи градови, како што е главниот град Дамаск, има недостиг од храна. Од почетокот на офанзивата на бунтовниците, цената на лебот во градовите како Идлиб и Алепо се зголеми за 900 отсто.

ОН проценуваат дека од почетокот на офанзивата на бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), околу милион луѓе се раселени во Сирија. Продолжува движењето на бегалците, се наведува.

OCHA предупреди на мински полиња кои го ограничуваат движењето на луѓето и испораката на стоки. Во изминатите 10 дена низ државата се идентификувани најмалку 52 мински полиња.