Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари во понеделникот под нивото од 126 долари за барел, по силниот раст кој го поттикнаа размислувањата во САД за забрана на увозот на руската нафта и застојот во преговорите со Иран.
На лондонскиот пазар во тргувањето цената на барелот беше во плус од 7,44 долари во однос на претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 125,55 долари. Во одреден момент цената на барелот скокна дури и на 139,19 долари.
На американскиот пазар, пак, со барелот се тркуваше по повисока цена за 7,69 долари, на 123,37 долари, а накусо ја допре вредноста од 130,50 долари.
Цената на двата пазари во првите неколку минути од утринското тргување скокна за повеќе од 10 долари, на највисокото ниво од јули 2008 година, кога цената на барелот на лондонскиот пазар изнесуваше 147,50, а на американскиот пазар 147,27 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одвоено утрово извести дека барелот од референтната нафта на нејзините членки во петокот чинел 113,15 долари, што значи дека поевтинил за 3,91 долар во однос на претходниот трговски ден.
САД и европските сојузници разгледуваат забрана за увоз на руска нафта, извести во неделата американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Белата куќа истата мерка ја координира со клучните комисии во Конгресот кои предлагаат свои предлози за забраната.
На пазарите веќе вледее нервоза поради недостиг од понудата, а Русија извезува околу 7 милиони барели нафта и деривати дневно, најмногу во светот, со удел во глобалната понуда од 7 отсто. Моментното блокирање на руските пристаништа поради украинската војна, истовремено го блокираше и дел од извозот на Казахстан.
„Доколку кусокот во снабдувањето не биде намален, цените на нафтата би можеле да ги надминат рекордните нивоа. Не би ме изненадило кога во најлошото сценарио на целосна забрана на извозот на руските енергенси барелот на лондонскиот пазар да надмине и 200 долари“, предупредува во коментарот за Reuters Хову Ли од сингапурската банка OCBC.
Аналитичарите на американската банка „JP Morgan“ проценуваат дека цената на барелот годинава би можел да порасне на 185 долари, а аналитичарите на „Mitsubishi UFJ Financial Group“ сметаат дека може да достигне 180 долари и да предизвика глобална рецесија.