Цените на нафтата се стабилизираа близу нивото од 91 долар на меѓународните пазари во понеделникот, додека инвеститорите се обидуваат да ги проценат шансите за ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хамас и прекини во снабдувањето од Блискиот исток.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попледневното тргување беше речиси непроменета во однос на затворањето на трговијата на крајот на минатата седмица и изнесуваше 90,85 долари. Минатиот петок го затвори тргувањето во плус од 4,89 долари.
Позначителни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар, каде што со барелот се тргуваше по 87,81 долари. Во петокот го затвори тргувањето со добивка од 4,78 долари.
Одделно, Организацијата на земјите извонички на нафта (OPEC) објави дека барелoт од нафтената кошница на нејзините членки во петокот се зголемил за 2,19 долари на 91,62 долари за барел.
На крајот на минатата седмица трговците беа вознемирени од упадите на израелската армија на територијата на блокираниот палестински Појас Газа. Израел најави одговор на пробивот на палестинската исламистичка група Хамас, а пазарите стравуваат дека конфликтот може да се прошири во поширокиот регион на Блискиот Исток.
Војната меѓу Хамас и Израел е меѓу најголемите геополитички ризици за нафтените пазари, по руската инвазија во Украина, велат аналитичарите.
Во понеделникот, Израел ги засили воздушните напади врз Газа, по неуспешната дипломатска иницијатива за прекин на огнот за да им се дозволи на странските државјани да заминат и хуманитарната помош да стигне до палестинската енклава. Американскиот државен секретар Антони Блинкен во меѓувреме изјави дека во текот на денот повторно ќе го посети Израел и ќе разговара за можните сценарија.
„Инвеститорите се обидуваат да ги проценат последиците од конфликтот пред почетокот на големата израелска копнена офанзива“, објаснува Хиројуки Кикукава, потсетувајќи дека 24-часовниот период Израел им го дал на жителите на северот на Газа, велејќи им да патуваат на југот на енклавата, е истечен.
На крајот на минатата седмица цените на нафтата беа катапултирани од американските санкции против сопствениците на танкери со седиште во Турција и Обединетите Арапски Емирати кои превезувале руска нафта по цени повисоки од 60 долари. Ограничувањето на цената го постави групата Г7, по инстистирање токму на САД.
„Неочекуваната одлука на САД за построги санкции за сопствениците на бродови што превезуваат руска сурова нафта со цена над границата од 60 долари за барел почна да ги иритира (пазарите)“, објаснува Џон Еванс од PVM.
Ним им пречи и руско-саудиската средба, која рускиот претседател Владимир Путин ја заклучи со изјавата дека мерките на OPECи нивните сојузници ги даваат првите плодови и ја враќаат стабилноста, додава Еванс.
Рускиот вицепремиер Александр Новак во понеделникот го повтори ставот на Путин, велејќи дека, според мислењето на Русија, важно е OPEC+ да продолжи со мерките за стабилизирање на состојбата на пазарот.