Цената на суровата нафта може да падне на 65 долари за барел до крајот на оваа година и да продолжи да паѓа на 45 долари до крајот на 2023 година, доколку дојде до рецесија, која по дефиниција ја поткопува побарувачката, проценува американската банка Ситигруп.
„Блумберг„ повикувајќи се на анализите на експерти од Ситигруп, наведува дека ова сценарио се заснова на претпоставката за отсуство на каква било интервенција на производителите од нафтената групација ОПЕК + и пад на инвестициите во нафта.
Цената на глобалната референтна нафта Брент денеска, според последните достапни податоци, изнесува 113,7 долари за барел, а американската нафта WTI се тргува за 110,1 долар за барел.
Анализата на Ситигруп ја споредува моменталната состојба на енергетскиот пазар со кризата од 1970-тите. Засега економистите на оваа банка не очекуваат САД да западне во рецесија.
„За нафтата, историските факти сугерираат дека побарувачката за нафта станува негативна само за време на најлошите глобални рецесии“, велат аналитичарите на Сити во извештајот објавен денеска.