Цената на нафтата на американскиот пазар падна, на лондонскиот скокна

На лондонскиот пазар цената на нафтата изминатата седмица благо порасна, а на американскиот падна додека вложувачите го следеа развојот на ситуацијата откако ураганот Харви ја разори со нафта богатата американска сојузна држава Тексас.

На лондонскиот пазар цената на барелот сирова нафта минатата седмица порасна за 0,6 отсто, на 52,75 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,1 отсто, на 47,30 долари.

Поради ураганот Харви и подоцнежните поплави во Тексас и Мексиканскиот залив, од минатиот викенд запрено е производството на многубројните рафинерии, па се проценува дека биле затворени четвртина од рафинериските капацитети на САД,

Тоа на пазарот предизвика стравување од недостиг од горива поради што цените на бензините во САД силно пораснаа. Но цените на сировата нафта не го следеа тој тренд, бидејќи запирањето на работата на рафинериите го намали побарувањето на сирова нафта, поради што се зголемија резервите.

Аналитичарите очекуваат осцилации на цените на нафтата малку нагоре малку удолу, додека не стане појасна сликата за обновувањето на работата на рафинериите во САД.

„Природните катастрофи воопшто негативно влијаат врз цените во среднорочна перспектива бидејќи ја разоруваат побарувачката, но краткорочно пазарот реагира на недостигот“, вели за Reuters Џејсон Гамел од ивестициската банка „Jeffries“.

Од половината на седмицата поедини рафинерии во Тексас го обновија производството, а во четвртокот американската влада првпат по пет години посегна по стратешките резерви, упатувајќи во рафинериите во сојузната држава Луизијана милион барели сирова нафта. Од Белата куќа порачаа дека би можело да се пласираат уште резерви.

Но надвор од САД понудата на нафта на глобалниот пазар и натаму е обилна, и покрај настојувањата на водечките производители на чело со Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и групата независни произведувачи, вклучително и Русија, да го намалат производството за 1,8 милиони барели дневно.

Последните податоци на Reuters покажуваат дека во август производството на OPEC е намалено за 170.000 барели дневно во однос на врвот на производството во оваа година.

Во меѓувреме компанијата „Baker Hughes“ објави во петокот дека бројот на нафтените постројки во САД изминатата седмица останал непроменет, на 759. Иако тоа покажува дека производството на нафта во САД стагнира по силниот раст од почетокот на годината, тоа сепак особено не ги охрабри вложувачите, бидејќи бројот на тие постројки значително е поголем отколку во истиот период минатата 2016 година, кога ги имало 407.