![parno](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/11/parno.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Цената на парното греење останува иста, одлучи Регулаторната Комисија за енергетика, и покрај барањето на БЕГ за зголемување на цената поради намалени приходи од домаќинствата кои веќе не плаќаат паушал за парното што не го користат,
Сметките што ќе ги добиваат граѓаните приклучени на БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика и Скопје Север ќе останат на исто ниво како и во изминатата грејна сезона.
„Со оглед на исклучително сложениот период во кој се наоѓаме со пандемијата на коронавирусот, трошоците на енергетските компании се пресметани на минимално ниво“, се наведува во одлуката на Регулаторната комисија
Претходно првиот човек на Комисијата најавуваше дека е можно намалување на цената на парното греење, како нејевтин енергенс за затоплување.
„Очекуваме при формирање на цените на парното греење, пред сѐ најголемо влијание да има и цената на природниот гас, за кој е карактеристично девет месеци по падот на цената на нафтата на светските берзи да поевтини и гасот. Поради ова, очекуваме намалување на трошоците за топлинска енергија. Сепак, прерано е да се каже, прво да ги добиеме податоците од компаниите за нивното работење“, изјави неодамна Бислимовски.
Во моментов речиси 53 илјади домаќинства се греат на парно, а од 31 март минатата година 12 илјади домаќинства веќе не плаќааат за топлинската енергија која не ја користат. Тоа БЕГ ги чини 3% помалку приходи или 800 илјади евра помалку. Инаку лани парното поевтини за 6 %, а ДДВ се намали од 18 на 5 отсто. Намалување на ДДВ, за да поевтини и струјата бара Бислимовски, поради силните реакции во јавноста со најавеното поскапување од 7,4% кое веќе е пресметано во сметките кои ќе стигнат овој месец. Тоа значи дека граѓаните, според овие пресметки, за една години ќе треба да платат уште една сметка плус, а оние кои во зимскиот период се греат на струја, значително повеќе. Токму поради тоа, граѓаните од повеќе градови три пати излегоа на протести, а доколку РКЕ не ја повлече одлуката, протестите ќе продолжат.