Наместо два пати годишно, од наредната година цената на струјата ќе се менува само еднаш годишно. Ова се дел од новите законски измени според кои повеќе нема да се прават корекции на цените во декември и во јуни секоја календарска година. Од Регулаторната комисија за нергетика и водни услуги, РКЕ, соопштија дека енергетските компании своите пресметки до нив ќе ги доставуваат секоја година до крајот на септември, а домаќинствата веќе до крајот на ноевмри ќе знаат какви сметки ќе плаќаат од годината што следи.
Тоа значи дека цената која треба да се соопшти до крајот на годинава, ќе важи за цела 2024та година. Но, овојпат, наместо РКЕ, пресметката ќе ја прави Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум. Сепак, новите цени во блок тарифите, нема да стапат на сила доколку не добијат „амин“ од Регулаторите.
Од новините кои ги очекуваат граѓаните е и враќањето на дневната евтина тарифа која ќе стартува од 1 декември, в петок. Домаќинствата повторно ќе можат да ја користат од 13 до 15 часот. Останува ноќната тарифа од 22 до 7 наутро како и во недела цел ден.
За евтина дневна струја ќе почекаат над 600 илјади домаќинства кои имаат стари броила. ЕВН нив треба рачно да ги менува. „Броилата ќе се сетираат уште во првиот месец (декември), освен недостапните кои ќе се сетираат во наредниот период“, рекоа од ЕВН Хоме.
Во наредниот период треба да се избере и нов Универзален снабдувач, откко на ЕВН има истече 5 годишниот договор. Критериумите се веќе објавени, а дали повторно ЕВН ќе го добие тендерот најмногу ќе зависи од тоа каква профитна маржа ќе понуди. Пред некој ден министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека очекува повеќе понуди, но и пониска маржа од сегашната која е околу 11%.