Сопственик на една стаклена градина во Холандија, Питер Вијнен би сакал да се фокусира на одгледувањето зеленчук, но од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, неговите планови се промениле поради цените на гасот и електричната енергија, а не поради неговите пиперки или краставици, пишува Ројтерс.
Покрај зеленчуците, кризата со гасот ги погоди и цветните пазари во Холандија. Помалку луѓе ги купуваат познатите холандски лалиња, во главно поради фактот што многу Холанѓани веќе почнаа да штедат за зимата. Нивното производство значително се намали, бидејќи зимно време е потешко да се одгледуваат, a треба често да се загреваат, што би чинело големо количество на гас, вели Вијнен.
„Една стаклена градина, зимно време треба да ја загреете“, раскажа Вијнен за неговиот мал објект во јужната холандска провинција Лимбург, каде што се одгледуваат црвени пиперки, од кои многу завршуваат во германските супермаркети.
„Кога цените растат, а тоа ќе биде многу повеќе отколку што сме навикнати, тогаш мора да ги промениме нашите планови“ додаде тој.
Помеѓу другите мерки, Вијнен ја намали и површината што ја грее во градината „Вијнен Сквер Кропс“, а ќе одгледува и помалку зеленчук.
Оранжериите помогнаа Холандија да стане втор најголем извозник на земјоделски производи во светот по САД. Но, индустријата од 8 милијарди евра го достигна врвот во време кога гасот беше доста поевтин, а сега се соочува со криза што ќе го забрза преминот кон други извори на енергија и може да доведе до неуспех на многу бизниси.
Со ограничувањето на испораката на гас од Русија како одговор на западните санкции поради инвазијата на Украина, европските цени се искачија на 20 пати повеќе од нивото од пред една година.
Холандската индустриска групација Гластуинбу вели дека до 40% од нејзините 3 илјади членови се во финансиска неволја. Тоа би можело да значи помалку овошје, зеленчук и цвеќиња надвор од сезоната во европските супермаркети, а производството ќе се префрли во потоплите земји како Шпанија, Мароко и Кенија.
До неодамна, холандските оранжерии користеа околу три милијарди кубни метри гас годишно, или околу 8% од националниот вкупен износ. Тоа опаѓа бидејќи обновливите алтернативи станаа достапни, но обемот на падот оваа година е причина за вознемиреност колку и адаптација, велат одгледувачите.
Според последните статистики во Холандија, потрошувачката на гас во индустријата паднала за 23% во годината до јуни.
Супермаркетите превентивно ги намалија нарачките за цвеќиња за околу една третина во очекување потрошувачите да трошат помалку поради штедењето.