Цените на германиумот, клучен минерал за технолошкиот сектор, достигнаа рекордно високо ниво во водечкиот светски производител Кина уште во средата, поттикнати од шпекулациите за владино купување, велат извори во секторот.
Кина произведува 60 отсто од светскиот германиум, кој се користи во кабли со оптички влакна, соларни ќелии и инфрацрвена технологија. Во август минатата 2023 година, Пекинг го ограничи извозот на група производи од галиум и германиум, одговарајќи на серијата мерки на САД за ограничување на извозот на софистицирани чипови во Кина, наведувајќи ја националната безбедност и можната двојна употреба, која ја вклучува и војската.
Во средата, цената на германиумот на физичкиот пазар во Кина скокна за речиси една третина на рекордни 13.250 јуани (1.826,48 долари) за килограм, покажаа податоците од специјализираната компанија за информации за пазарот Shanghai Metals Market (SMM).
Од август минатата година и стапувањето во сила на извозните рестрикции, тие се зголемени за 38 отсто и покрај очекувањата дека подобрената понуда на домашниот пазар ќе го ограничи нивниот раст.
Неколку извори во секторот, кои не сакаа да бидат именувани бидејќи информациите се доверливи, изјавија за Reuters дека скокот на цените бил поттикнат од шпекулациите дека кинеската управа за стратешки резерви купила околу 100 метрички тони германиум. Цената не е позната, додаваат изворите.
Администрацијата не одговори на барањето на Reuters да ги коментира информациите од неименувани извори.
„Приказните на пазарот го подигнаа расположението и ги стимулираа цените, но сакаме да бидеме внимателни бидејќи скокот се базира малку премногу на шпекулации, па многу брзо би можеле да бидеме сведоци на корекција на цената“, вели кинески трговец со германиум.
„Цените се поддржани и од зголемената побарувачка неодамна, и во Кина и во странство. Неодамна, добивме многу барања од Јапонија и Јужна Кореја за германиум оксид“, рекол кинески ивозник кон не сакал да биде именуван.
Кинескиот извоз на германиум, вклучително и ковани и необработени производи, се преполови во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година и се лизна на 11,08 тони. Вредноста на испораките во исто време се зголеми речиси за четири пати, покажуваат податоците на царината.