Цените на нафтата се задржаа близу до 79 долари на меѓународните пазари во петокот, балансирајќи меѓу загриженоста за побарувачката во услови на слаба глобална економија и намаленото производство во САД поради студениот бран.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 78,95 долари. Вчера го затвори трговскиот ден со добивка од 1,22 долари. Позначителни ценовни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар каде со барелот се тргува по 73,90 долари. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 1,52 долари.
Одделно, Органзиацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во четвртокот поскапел за 1,01 долари на 79,39 долари.
Цените вчера ги зголемија проценките на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ – IEA) и на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) за солидниот раст на побарувачката оваа и следната година и намаленото производство во САД поради екстремно ниските температури. Во Северна Дакота, околу 40 отсто од производството е затворено, а снабдувањето од Либија сè уште не е целосно обновено.
Во петокот, аналитичарите забележаа дека IEA проценува дека растот на побарувачката е за половина послаб од процените на OPEC. Ја издвоија и оценката на агенцијата дека пазарот годинава треба да биде релативно добро снабден, доколку нема значителни нарушувања.
„Прогнозата за растот на глобалната побарувачка на нафта останува нејасна, а учесниците на пазарот и истражувачките институции значително се разликуваат во нивните проценки“, рече Бјарне Шилдроп од SEB.
Трговците, исто така, внимателно го следат разгорувањето на тензиите на Блискиот исток. Пакистан гаѓаше цели во Иран во четвртокот, возвраќајќи на иранскиот напад на пакистанска територија. Од друга страна, САД повторно извршија напади врз Јемен откако пресретнаа јеменски ракети во Црвеното Море кои ја попречуваат пловидбата на бродовите поврзани со Иран.
САД и Велика Британија веќе неколкупати нападнаа цели во Јемен, велејќи дека сакаат да ја заштитат пловидбата на морската рута важна за светската трговија. Јеменското движење Ансар Ала најавува нови напади врз бродови поврзани со Израел, барајќи прекин на израелските воени операции во палестинскиот Појас Газа и испорака на хуманитарна помош.
„Цената на нафтата останува чувствителна на случувањата на Блискиот исток, но пазарот е сè уште избалансиран, како што видовме во изминатите неколку седмици. Нарушувањата во снабдувањето остануваат ризик што може да ги зголеми цените на нафтата, но има и негативни ризици, вклучително и за светската економија“, заклучи Крег Ерлам од OANDA.