Цените на нафтата близу 81 долар

Цените на нафтата се задржаа на меѓународните пазари во петокот на нивото близу 81 долар, додека трговците шпекулираа пред инаугурацијата за можните реакции на новиот претседател Доналд Трамп на новите американски санкции за рускиот енергетски сектор.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 33 центи пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 80,96 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 22 центи пониска цена, по 78,46 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од кошничката нафта на нејзините членки во четвртокот поскапе за 1,49 долари, на 83,15 долари.

Трговците оваа седмица беа преокупирани со новите американски санкции за рускиот нафтен сектор. Пред една седмица Вашингтон воведе санкции за „Газпромњефт“ и „Сургутњефтегаз“, а на листата додаде и 183 танкери, осигурителни компании, транспортери и трговци со руска нафта. Санкциите ги зголемија трошоците за транспортот на нафта со супертанкерите, а скокнаа и цените на дизелот.

Кон крајот на седмицата вниманието се насочи кон политиката и инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Кандидатот на Трамп за министер за финансии Скот Бесент во четвртокот рече дека е подготвен, „ако претседателот Трамп го побара тоа, како дел од стратегијата за ставање крај на војната во Украина, да ги подигне санкциите на ниво што ќе ја доведе Руската Федерација на преговарачката маса“ .

Кандидатот за државен секретар Марко Рубио во Сенатот посочи дека би можеле да размислат и за ублажување на санкциите кои, според неговите зборови, му обезбедуваат на Вашингтон „влијание“ врз Русија. Затоа и „санкциите и олеснувањата“ ќе бидат дел од дискусијата за подготовка на теренот за „решение“ на војната во Украина, ги цитира лондонски The Guardian неговите изјави од средата.

„Изјавите на Бесент и Рубио сигнализираат за можни нови санкции кои би ги погодиле производителите на нафта, но пазарните инвеститори допрва ќе ја чекаат одлуката на новиот американски претседател“, оценуваат аналитичарите.