Цените на нафтата се задржаа блиску до нивото од 86 долари на меѓународните пазари во четвртокот, балансирајќи меѓу падот на залихите во САД и шпекулациите дека американската централна банка (Federal Reserve – Fed) може да го одложи намалувањето на каматните стапки.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 85,78 долари. Вчера го заклучи трговсиот ден со загуба од 1,43 долари.
Позначителни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар, каде со барелот се тргува по 81,07 долари. Вчера трговувањето го заврши со загуба од 1,46 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во средата барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поевтинил за 49 центи, на 86,03 долари.
Во средата трговците беа разочарани од американската централна банка, која истакна дека ќе ги намали каматните стапки само кога ќе биде поизвесно дека инфлацијата постојано се намалува кон целта од 2 отсто. Најавата ги подгреа шпекулациите дека може да ги снизи дури во втората половина од годинава, а досега се шпекулираше дека ќе бидат спуштени на почетокот од летото.
Во четвртокот цените се стабилизираа, бидејќи фокусот на пазарот се префрли на падот на залихите во САД минатата седмица, за два милиона барели, според владините податоци, поради зголемениот извоз и преработката во рафинериите. Аналитичарите оценија дека тие останале на нивото од претходната седмице.
Намалени се и залихите на бензините, за 3,3 милиони барели, што сигнализира зголемена побарувачка за гориво.
„Се чини дека мантрата на оние кои шпекулираат за растот на цените продолжува да доминира, со оглед на повторливиот, неочекуван пад на залихите на сурова нафта во САД минатата седмица. Истовремено, учесниците на пазарот го проценуваат ризикот од нови нарушувања во снабдувањето на руско-украинскиот фронт“, смета Јеап Јун Ронг од IG.
Инвеститорите проценуваат дека украинските напади врз руските рафинерии би можеле да го ограничат снабдувањето. Според пресметките на Reuters, тие досега блокирале 7 отсто од капацитетот за рафинирање на Русија, или околу 370.500 барели дневно. Доколку тоа продолжи, руските производители би можеле да бидат принудени да ја намалат понудата поради проблеми со извозот и ограничениот простор за складирање, шпекулираат аналитичарите.