Цените на нафтата близу 86 долари

Цените на нафтата се задржаа блиску до нивото од 86 долари на меѓународните пазари во петокот, балансирајќи меѓу знаците за посилната побарувачка и стравувањата на трговците дека американската централна банка би можела да го одложи намалувањето на каматните стапки и да ја ограничи економската активност.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за испорака во август беше за 23 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 85,94 долари. Речиси за истиот износ поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 81,60 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извозничк ина нафта (OPEC) објави дека во четвртокот цената на барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки е речиси непроменета на 85,68 долари.

Трговците оваа седмиц ги одмеруваа проценките за побарувачката и можните закани за снабдувањето од Русија.

OPEC одлучи благо да ја зголеми понудата кон крајот на годината, проценувајќи дека побарувачката треба да закрепне и да се зголеми оваа година за нешто повеќе од два милионa барели дневно. Меѓународната агенција за енергетика (IEA) советува група големи потрошувачи во рамките на Организацијата за економска соработка и развој (ОECD) и проценува дека растот треба да биде за половина послаб.

Американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ потсети на почетокот на летната сезона на патувања во САД, оценувајќи дека пазарот во третиот квартал ќе биде во дефицит од 1,3 милиони барели дневно. Залихите на нафта во САД паднаа за 2,5 милиони барели минатата седмица, објави Министерството за енергетика во четвртокот, додека потрошувачката порасна за 1,9 милиони барели дневно, според податоците за снабдувањето со бензинска пумпа.

„Цените ова лето би можеле да бидат поддржани со сезонско јакнење на побарувачката, според најновите податоци на Министерство за енергетика, разгорувањето на конфликтот меѓу Израел и Хезболах и сезоната на урагани“, објаснуваат аналитичарите на „Citi“ во белешката за коминтентите.

Побарувачката се опоравува и во другите делови на светот, забележуваат аналитичарите.

„Чувството (на пазарите – оп. ред.) исто така е подобрено благодарение на индикациите за зајакнување на побарувачката во Азија. Рафинериите во тој регион рестартираат дел од неискористениот капацитет, по одржувањето“, објаснуваат од „ANZ Research“.

Поддршка за цените обезбеди и загриженоста за испораките од Русија, бидејќи украинската армија повторно употреби беспилотни летала за да ги нападне рафинериите, радарските станици и другите воени објекти во Русија.

Нагорниот тренд беше запрен со шпекулациите дека американската централна банка би можела да го одложи намалувањето на каматните стапки до следната година, бидејќи помалку апликации на пазарот на труд сигнализираат стабилна побарувачка за работници.

Повисоките трошоци за задолжување на подолг временски период ја инхибираат економската активност и побарувачката за енергетски производи.