Цените на нафтата близу 86 долари

Цените на нафтата во вторникот на меѓународните пазари се задржаа стабилни близу 86 долари, бидејќи меѓу трговците повторно се разгореа стравувањата дека високите трошоци за задолжување би можеле да ја закочат економијата, намалувајќи го оптимизмот на почетокот на летната сезона на патувања во САД.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за испорака во август беше пониска за 20 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 85,81 долар. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргуваше по 81,44 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно извести дека во понеделникот цената на барел од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета на 85,98 долари.

Трговците во последните денови се фокусираа на оптимистичките прогнози за побарувачката за летната сезона на патувања во САД. Американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ проценува дека поради скокот на побарувачката, пазарот ќе биде во минус во третиот квартал за 1,3 милиони барели дневно.

„Притици за растот на цените беа оптимистичките прогнози за побарувачката и намалените залихи во САД. Почетокот на жешкото лето на северната хемисфера и претстојната сезона на урагани би требало да значат посилна побарувачка и во наредните месеци“, објаснува независната аналитичарка Тина Тенг.

Аналитичарите проценуваат дека најновите податоци од САД ќе покажат пад на залихите на нафта минатата недела за три милиони барели, според анкетата на Reuters.

Честите напади од украински беспилотни летала врз руски енергетски капацитети ја зголемуваат премијата за геополитичкиот ризик, загрозувајќи го снабдувањето. Кон крајот на минатата седмица беспилотни летала нападнаа четири рафинерии, вклучувајќи го и главниот производител на гориво во јужна Русија во Илски, според Reuters.

Противтежа на прогнозите за подобрена побарувачка и можна намалена понуда се високите каматни стапки, кои во подолг временски период можат да ја забават економската активност и побарувачката на енергетски производи.

„(…) „темпото на полжав“ на централните банки во намалувањето на каматните стапки, кое продолжува да го кочи закрепнувањето на светската економија, е загрижувачко“, истакнува Ешли Келти од „Panmure Gordon“.

Централната банка на САД повтори дека веројатно ќе биде доволно да се задржат каматните стапки на сегашните нивоа „за некое време“ за да се спречи инфлацијата. Сигналот на Fed му помогна на доларот, кој во вторникот порасна за 0,13 отсто, намалувајќи ја побарувачката за нафта од купувачите со други валути.