Цените на нафтата во четвртокот на меѓународните пазари пораснаа на околу 79 долари поради шпекулациите дека американската централна банка би можела да ги намали трошоците за задолжување на почетокот на есента, поттикнувајќи ја економската активност и побарувачката на енергенси.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше повисока за 56 центи отколку на затворањето на тргувањето во средата вечерта и изнесуваше 78,97 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 63 центи поскапо, по цена од 74,70 долари.
Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот нафтената референтна кошница на нејзините членки во средата поскапел за 22 центи на 78,39 долари.
Трговците внимателно ги следат податоците од американската економија за да проценат кога централната банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) би можела да ги намали трошоците за задолжување и да го намали притисокот врз активноста и побарувачката на енергија.
Забавувањето на вработеноста во приватниот сектор во мај ги поттикна шпекулациите дека Fed може да ги намали каматните стапки во септември, а уделот на економистите кои „гласаа“ за таа временска рамка во анкетата на Reuters достигна 66 отсто.
Шпекулациите за пониските трошоци за задолжување во САД на почетокот на есента ја засенија најавата на водечките производители дека благо ќе ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Од крајот на 2022 година, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници независи големи извозници предводени од Русија ја намалуваат понудата за 5,86 милиони барели дневно, што е еквивалентно на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка. Во неделата тие го продолжија договорот за оваа мерка за една година, до крајот на 2025 година, договор со кој се предвидува намалување на понудата за 3,66 милиони барели дневно. Останатите 2,2 милиони барели дневно ќе бидат исклучени од пазарот до крајот на септември, соопшти групацијата, додавајќи дека планот е етапно да се враќаат до крајот на септември следната година.
Трговците се скептични во однос на оценката на OPEC+ за закрепнувањето на побарувачката, но генералниот секретар на OPEC, Хајтам aл-Гаис и рускиот вицепремиер Александр Новак ја бранат одлуката и остануваат оптимисти.
„(…) Pобарувачката засега не се намалува, а залихите на произвоeди се сè уште релативно ниски. Ако побарувачката се забрза во согласност со нормалните сезонски трендови, понудата и побарувачката би можеле да се изедначат во иднина“, рече шефот на ОPEC.
Оценката ги поколеба некои аналитичари, при што Амарпреет Сингх од „Barclays“ заклучи дека пазарите „претерано реагирале на малку негативниот исход од состанокот на OPEC+“. „Показателите за побарувачката несомнено се нешто послаби во последно време, но тие не потонаа“, заклучи Синг во белешката до клиентите.
Внимание сигнализира зголемувањето на залихите на сурова нафта во САД минатата недела, за 1,2 милиони барели, покажуваат податоците на Министерството за енергетика. Сепак, податоците од здружението на производители на API покажаа значително поголем раст, за околу четири милиони барели.