Цените на нафтата кон првиот неделен пораст во последните два месеца

Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари во петокот и се на пат за својата прва седмична добивка во последните два месеца, поддржана од оптимистичката перспектива за побарувачката следната година и послабиот америански долар.

Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 51 цент во однос на претходното затворање, на 77,12 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 52 центи поскапо, по цена од 72,10 долари.

Одделно, Организацијата на замјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки во четвртокот поскапел за 2,86 долари на 77,06 долари.

Цените на лондонскиот и на американскиот пазар се на пат за скромна седмична добивка, откако американската централна банка Federal REserve (Fed) во средaта објави дека трошоците за задолжувањето може да се намалат следната година. Како резултат на тоа, доларот во четвртокот падна на најниско ниво во последните четири месеци. Послабиот долар ја прави нафтата певтрина за купувачите коишто оперираат со другите валути.

Светската потрошувачка на нафта ќе се зголеми во 2024 година за 1,1 милион барели дневно, објави Меѓународната агенција за енергија (IEA) во својот месечен извештај, што е за 130.000 барели дневно над претходната проценка. Како причини таа ги наведе зголемената побарувачка во САД и пониските цени на нафтата.

Проценката на IEA за растот на побарувачката во 2024 година е повеќе од двојно помала од прогнозата на OPEC), кој очекува таа да биде на ниво од 2,25 милиони барели дневно.
„Намалувањето на производството на OPEC+ веројатно ќе го одржи пазарот на нафта во рамнотежа на почетокот на 2024 година, и покрај послабата побарувачка, што би требало да ја намали моменталната загриженост за прекумерната понуда“, велат од „Commerzbank“.

Проширениот картел OPEC+, кој ги обединува зенмјите од OPEC и сојузниците големи независни производители предводени од Русија, кон крајот на ноември се согласи доброволно да го намали производството за околу 2,2 милиони барели дневно за првиот квартал од следната година.

Сепак, слабите економски податоци на најголемата европска економија Германија и најголемиот светски увозник Кина го ограничија растот на цената на нафтата. Германскиот индекс на менаџери за набавка (PMI), објавен од S&P Global, падна во декември шести последователен месец на 46,7 поени.

Податоците објавени од кинеското биро за статистика во петокот, пак, покажаа дека производството на рафинериите во ноември паднало на најниското ниво од почетокот на 2023 година, бидејќи притисокот на маргините врз недржавните рафинерии го намалило производството, додека слабата потрошувачка на дизел ја намали националната побарувачка за горивата.