На светските пазари цените на нафтата минатата седмица силно пораснаа, по остриот пад една недела претходно, бидејќи вложувачите беа охрабрени од сигналите за забавување на растот на производството во САД и јакнењето на побарувачката во Кина.
На лондонскиот пазар цената на барелот сирова нафта минатата седмица скокна за 4,7 отсто, на 48,90 долари, додека, пак, на американскиот пазар барелот поскапи за 5,2 отсто, на 46,55 долари.
Растот на цените на нафтата е благодарејќи на извештаите кои покажуваат дека побарувачката расете, особено во Кина, додека резервите во САД се намалиле.
Кинескиот увоз во првите шест месеци од годинава изнесувал 13,8 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година, додека американските резерви на сирова нафта во текот на минатата седмица, според официјалните податоци, се намалиле за 7,6 милиони барели дневно, најостро во последните десет месеци.
„Оние коишто сакаа потврда за глобалната побарувачка на нафтата сега ја добија во податоците за кинескиот увоз“, вели Тамаш Варга од „PVM Oil Associates“.
Аналитичарите на „Commerzbank“ проценуваат, пак, дека резервите нафта во развиениот свет веројатно ќе продолжат да се намалуваат во претстојниот период „под услов Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) повторно да не го зголеми значително производството“.
Во фокусот на инвеститорите се Нигерија и Либија, членки на OPEC кои се изземени од договорот на светските водечки производители за намалување на понудата, имајќи ги предвид судирите кои изминатите години го намалија нивниот извоз.
Во моментов Либија и Нигерија произведуваат речиси 700.000 барели дневно повеќе отколку во ноември минатата 2016 година кога OPEC со поддршка на групата независни производители одлучи да го намали производството за 1,8 милиони барели дневно за да влијае на намалувањето на јазот меѓу преголемата понуда и недоволно силната побарувачка.
И американското производство порана во изминатите 12 месеци, и тоа за повеќе од 10 отсто, достигнувајќи 9,4 милиони барели дневно. Меѓутоа, вложувачите во петокот ги охрабрија сигналите за забавувањето на растот на производството на нафта во САД.
Компанијата „Baker Hughes“ објави дека бројот нафтени постројки во САД минатата седмица пораснал само за две, на 76, најмногу од април 2015 година. Но, следните седмици ќе покажат дали тоа забавување на растот е само привремено или потрајно.
„Наскоро пазарот повторно ќе го насочи вниманието на понудата…, а таа ситуација во ниеден случај не е охрабрувачка“, предупредува Варга.
Уште повеќе затоа што неодамнешните процени на Reuters покажаа дека извозот на OPEC во јуни се зголемил на највисокото ниво во оваа година.
Претставниците на групата земји кои го следат договорот на OPEC и некои земји кои не се членки на картелот за намалување на производството, ќе се сретнат во Русија на 24 јули и тогаш може да бидат донесени нови препораки за договорот.
Во првото полугодие цените на нафтата и на лондонскиот и на американскиот пазар потонаа за повеќе од 14 отсто, што е нивен најголем пад од првото полугодие во 1998 година, кога загубија 19 отсто.