Цените на нафтата се задржаа над 77 долари на меѓународните пазари во вторникот, балансирајќи меѓу стравувањата од прекини во снабдувањето од Блискиот исток и загриженоста за побарувачката во Кина.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 49 центи отколку на затворањето на пазарот минатиот петок и изнесуваше 77,53 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше за 36 центи поскапо, по 72,01 долар.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во петокот барелот од нафтената кошничка на нејзините членки поевтинил за 1,87 долари, на 78,44 долари.
На првиот работен ден од новата година, трговците повторно се фокусираа на тензиите на Црвеното Море. Јеменските Хути ја покажуваат својата поддршка за Палестинците во Појасот Газа со напади, попречувајќи ја пловидбата на бродовите поврзани со Израел.
САД најавија меѓународна поморска коалиција која треба да ја заштити пловидбата низ Црвеното Море, а во неделата со хеликоптер одбиле напад на Хуту врз контејнерски брод во Црвеното Море. Во акцијата беа потонати три чамци на Хутите, а загинале 10 припадници на јеменските бунтовници на чамците, со што се зголеми ризикот од ширење на конфликтот во регионот и блокирање на клучната рута за транспорт на нафтата од Блискиот исток.
Бродарската транспортна компанија „Maersk“ најави дека во текот на денот ќе одлучи дали ќе остане на одлуката бродовите да се вратат од обиколната рута околу ‘Ртот на добрат надеж, со илјадници наутички мили подолг, на вообичаената рута низ Суецкиот канал.
„Важните двигатели (на цените на нафтата) ќе продолжат да бидат геополитиката и економскиот раст. Конфликтот меѓу Израел и Хамас може да ескалира и да ги зголеми премиите за ризик“, објаснува Џон Пејси од „Stratas Advisors“.
Учесниците на нафтените пазари, исто така, се загрижени и поради знаците за забавување на кинескиот економски раст откако индустриската активност се намалила трет месец со ред во декември, според владините податоци објавени во неделата.