Цените на нафтата над 77 долари

Цените на нафтата се искачија над 77 долари на меѓународните пазари во четвртокот, бидејќи трговците се фокусираа на пораките од Вашингтон за царините за Канада и Мексико и знаците дека рускиот извоз е погоден од американските санкции.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 60 центи повисока од вчерашното затворање на пазарите и изнесуваше 77,19 долари. За речиси исто толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар и се тргуваше по 73,16 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека цената на барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки е речиси непроменета во средата на 79,52 долари.

Во средата, пазарите беа вознемирени од порастот на залихите во САД, бидејќи тоа сигнализираше слабеење на побарувачката. Залихите на сурова нафта се зголемија за 3,5 милиони барели минатата недела, а залихите на бензин пораснаа за 3,0 милиони барели, покажаа податоците на Министерството за енергетика во средата. Залихите на дестилати, пак, остро паднаа, за пет милиони барели.

Рафинериите значително го намалија купувањето на нафта веќе трета седмица по ред, покажуваат податоците, поттикнувајќи ја загриженоста за побарувачката.

Во четвртокот, вниманието на инвеститорите повторно беше насочено кон заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека на почетокот на февруари ќе воведе царини од 25 отсто на соседите. Во средата, американскиот претседателски кандидат за министер за трговија Хауард Лутник рече дека Канада и Мексико би можеле да избегнат царини доколку на краток рок ги затворат своите граници за фентанилот, многу силен опиоиден аналгетик.

„Сите фактори во нафтата се засенети од шпекулациите за тоа какви церини би можеле да бидат наметнати на Канада и Мексико“, заклучи Џон Еванс од PVM.

Канада и Мексико се најголемите американски добавувачи на нафта, забележува Reuters.

Цените беа поддржани во четвртокот и со оценките на трговците дека санкциите наметнати врз рускиот нафтен сектор од страна на поранешниот американски претседател Џо Бајден кон крајот на неговиот мандат го отежнуваат извозот од пристаништата во западна Русија. Руските пратки се очекува да паднат за 8 отсто во февруари во споредба со јануари, проценуваат трговците, а пресметките на Reuters ја потврдуваат нивната проценка.

Инвеститорите со нетрпение го очекуваат и понеделникот и редовниот состанок на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници големи независни прозиводители предводени од Русија. Се очекува оваа групација позната како OPEC+ да разговара за обидите на американскиот претседател да го зајакне домашното производство и да заземе заеднички став, соопшти во средата Казахстан.

Трамп истовремено ги повика OPEC и неговата водечка членка Саудиска Арабија да ги намалат цените, велејќи дека тоа ќе стави крај на конфликтот во Украина, веројатно мислејќи на загубите на Москва иако директно не ја спомена Русија, што е стратегија која ја преферираше и неговиот претходник Бајден.

Аналитичарите веруваат дека шансите за ценовна војна меѓу САД и OPEC+ се мали, бидејќи тоа би им наштетило на двете страни. Ценовната војна со САД ќе бара од производителите на OPEC+ да го максимизираат производството за да ги намалат цените и да ги принудат производителите на нафта од шкрилци да „стиснат на сопирачката“, објаснува BMI, оддел на групацијата „Fitch“.