Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 78 долари на меѓународните пазари во вторникот, балансирајќи меѓу стравувањата од ескалација на тензиите на Блискиот исток и загриженоста за побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попледневното тргување беше за 42 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 78,41 долар. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 73,24 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно денеска објави дека во понеделникот цената на барелот од референтна нафтена кошница на нејзините членки паднала за 1,14 долари, на 77,47 долари.
Пазарите внимателно ги следат тензиите на Блискиот исток. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделникот се сретна со челниците на Саудиска Арабија, а во вторник пристигна во Каиро на средба со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
Палестинците се надеваат дека посетата ќе резултира со примирје пред најавениот израелски напад врз Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа каде што според Израел наводно се засолниле околу половина од палестинските бегалци од северниот дел на окупираната територија. Палестински Хамас сè уште ја проучува понудата за прекин на огнот предложена минатата седмица од катарските и египетските посредници. Движењето побара дополнителни гаранции дека конфликтот ќе заврши.
Во исто време, САД продолжуваат да напаѓаат цели во Јемен, со образложение дека сакаат да ја заштитат пловидбата во Црвеното Море. Движењето Ансар Алах, кое заедно со своите сојузници управува со најгусто населените делови на јеменската територија, ги напаѓа бродовите поврзани со Израел, барајќи прекин на огнот во Појасот Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците.
Ударите на САД „не сигнализираат смирување на тензиите“, напишаа во белешката аналитичарите на „Commerzbank“, Ту Лан Нгујен и Карстен Фрич.
Противтежа на тензиите на Блискиот исток беа стравувањата на инвеститорите дека американската централна банка би можела да го одложи намалувањето на каматните стапки, иако показателите сигнализираат проблеми.
„Компаниите сè уште отпуштаат работници, што значи дека побарувачката (на нафта) ќе ослабне на долг рок“, проценува Леон Ли од компанијата „CMC Markets“.