Цените на нафтата се задржаа над 79 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи знаците за стабилизирање на побарувачката н работна сила во САД и благото зголемување на инфлацијата во Кина ја намалија загриженоста за побарувачката, што се надоврза на намалената понуда од Либија и на тензиите на Блискиот исток.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 32 центи повисока отколку на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 79,48 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 76,57 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека во четвртокот барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поскапел за 1,19 долари на 77,84 долари.
На крајот од седмицата трговците се фокусираа на побарувачката на работна сила во САД. Вкупно 233.000 Американци поднеле барање за бенефиции за невработеност минатата седмица, односно 17.000 помалку од една седмица порано, покажаа податоците на Министерството за труд во четвртокот, што сигнализира стабилизација на побарувачката за работна сила. Новите бројки ги намалија стравувањата од рецесија во САД поттикната од наглото забавување на вработувањата во јули, со нето-отворање работни места на половина од месечниот просек пред 12 месеци.
Цените беа поддржани на крајот од седмицата и од благото зајакнување на инфлацијата во Кина. Индексот на потрошувачките цени (CPI) пораснал во јули малку посилно од очекуваното, за 0,5 отсто на годишна основа, по растот од 0,2 отсто во претходниот месец, објави Заводот за статистика. Аналитичарите очекуваа дека податоците ќе покажат рамномерно темпо на раст.
„Расположението беше поддржано и од благиот раст што го покажаа податоците за инфлацијата во Кина“, смета Џорџ Кури од CFI.
Мало забрзување на инфлацијата сигнализира закрепнување на побарувачката, што значи забрзана економска активност и подобрена побарувачка за енергетски производи.
„Истовремено, геополитичката ситуација сѐ уште е напната, со ризик од ескалација на конфликтот“, потсетува Кури.
Израелската војска во четвртокот ги засили воздушните напади во окупираниот палестински Појас Газа, при што загинаа најмалку 40 лица, соопштија палестинските здравствени власти. Светската јавност, вклучително и пазарите, исто така, сѐ уште се во искечување на одговорите на либански Хезболах и палестински Хамас, по ликвидациите на нивните високо позиционирани лидери, особено одмазда на Иран за убиството на палестинскиот преговарач во Техеран.