Цените на нафтата над 82 долари

Цените на нафтата останаа над 82 долари на меѓународните пазари во средата поради стравувањата на инвеститорите дека американската централна банка може да го одложи намалувањето на каматните стапки, што ќе го спречи економскиот раст и побарувачката на енергија.

На лондонскиот пазар цената на барелот беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 82,20 долари. Вчера трговскиот ден го заврши со загуба од 1,22 долари.

Позначителни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар каде со барелот се тргуваше по 76,95 долари. Вчера ја затвори трговијата во минус од 1,30 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во вторникот цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета на 82,82 долари.

Трговците вчера беа загрижени од наглото намалување на референтните каматни стапки за хипотекарните заеми во Кина, што ги поттикна стравувањата од забавување на економската активност и побарувачката за енергетски производи во најголемиот светски увозник на нафта.

Пазарите се загрижени и за побарувачката во САД, бидејќи податоците покажаа мало забрзување на растот на цените во февруари во споредба со јануари, што може да ја натера централната банка да го одложи намалувањето на каматните стапки до јуни. Досега аналитичарите очекуваа дека тој може да ги намали во текот на пролетта.

„Инвеститорите повторно ја ‘пропуштија’ клучната проценка за тоа кога Fed, најважната централна банка во светот, може да го промени курсот“, објаснува Џон Еванс од PVM.

Стравувањата од слабеење на побарувачката поради високите трошоци за задолжување ја неутрализираа загриженоста поради неуспешните обиди за решавање на конфликтот на Блискиот исток.

Соединетите држави во вторник повторно ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот во палестинскиот Појас Газа, барајќи прекинот на непријателствата да се поврзе со барањето на палестинскиот Хамас да ги ослободи израелските заложници.

Јеменското движење Ансар Алах продолжи со нападите врз бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море, барајќи прекин на израелските воени операции во Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците. Поради американските и британските напади врз цели во Јемен, движењето го прошири списокот на цели во кој ги вклучи и британски и американски бродови.