Цените на нафтата над 85 долари

Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 85 долари на меѓународните пазари во средата, балансирајќи меѓу знаците за слабеење на американската побарувачка и загриженоста за понудата од Русија.

На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во август беше за 20 центи повисока од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 85,53 долари. Вчера го заврши трговскиот ден со добивка од 1,08 долари. Поактивно се тргуваше со барелите за испорака во септември, по 21 цент повисока цена од 84,74 долари.

На американскиот пазар цената на барелот е речиси непроменета и изнесува 81,60 долари. Вчера го затвори тргувањето со добивка од 1,24 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во вторникот барелот од нафтената референтна кошничка на нејзините членки поскапел за 98 центи на 84,50 долари.

Пазарите вчера беа потресени од напад врз нафтен терминал во Русија, што ја подгреа загриженоста за снабдувањето. Напад на украински беспилотно летало во пристаништето Азов, за кој Москва тврди дека е цел избрана од западните воени команданти во Украина, предизвикал пожар во резервоар за гориво на терминал за нафта, соопштија руски официјални лица и украински разузнавачки извори.

Азовското пристаниште има два нафтени терминала од кои во првите пет месеци од годинава во странство се испорачани околу 200.000 тони гориво. Континуираните украински напади врз руските рафинерии претставуваат закана за физичкото снабдување на клиентите ширум светот и ги зголемуваат премиите за геополитички ризик.

„Украинскиот напад го потсетува пазарот дека руската енергетска инфраструктура е дефинитивно цел, а на глобалните пазари им се потребни тие барели нафта и рафинирани производи за да ги спречат цените да излезат надвор од контрола“, вели Џон Килдаф од „Again Capital“.

Премијата за геополитичкиот ризик беше дополнително зголемена со тензиите на Блискиот исток, откако израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, предупреди за можна „сеопфатна војна“ со либанското шиитско движење Хезболах.

Во средата цените се стабилизираа бидејќи трговците се свртеа кон извештајот за залихи во САД. Залихите на нафта пораснаа минатата седмица за 2,26 милиони барели, според извори кои се повикуваат на податоци од здружението на производители API. Залихите на бензин, од друга страна, се намалени за приближно милион барели, според извори.

„Сегашната ситуација не е многу импресивна, но одредени сигнали упатуваат на пооптимистичка перспектива“, смета Тамаш Варга од PVM.

Владата во текот на денот ќе ги објави официјалните податоци.

Мешани се и податоците за Кина, со послаб раст на индустриското производство во мај од очекуваниот, но и најсилен раст на продажбата на мало од февруари.