Цените на нафтата над 85 долари

Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 85 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи посилниот долар ги неутрализираше проценките за силната летна побарувачка и стравувањата од прекин на снабдувањето од Русија.

На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во август беше речиси непроменета во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 85,29 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 35 центи помалку, по 80,38 долари.

Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во петокот цената на барел од референтната нафтена кошничка на нејзините членки се зголемила за 32 центи, на 86 долари.

Пазарното расположение беше одбележано минатата седмица со проценките дека летната сезона на патувања во САД треба да го означи почетокот на закрепнувањето на побарувачката и слабите залихи. Американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ процени дека пазарот треба да биде во минус за 1,3 милиони барели во третиот квартал.

„Главната (…) причина за зголеменото ниво на цените… е растечкото верување дека глобалните резерви на нафта на северната хемисфера неизбежно ќе паднат во текот на летото“, рече Тамас Варга од PVM, алудирајќи на сезонската побарувачка на нафтени деривати.

Цените се поддржани и од геополитички ризици. Украина постојано ги напаѓаше рафинериите во Русија со беспилотни летала во последните неколку седмици, поттикнувајќи ја загриженоста за снабдување. Во понеделникот, ЕУ постигна договор за 14-от пакет санкции против Русија, вклучително и забрана за претовар на руски течен гас во ЕУ за транзит во други земји.

Тег за цените беше и посилниот долар, што врши притисок врз куповната моќ на купувачите со други валути и ја задушува побарувачката.

Индексот на доларот порасна во петокот и беше во благ плус на почетокот од седмицата, бидејќи истражувањето на „S&P Global“ покажа дека деловната активност во САД во јуни е на највисоко ниво во последните 26 месеци.