Цените на нафтата се задржаа над 85 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи оптимизмот преовладуваше меѓу инвеститорите за проценките на побарувачката за летната сезона на патувања во САД, во услови на загриженост за понудата во услови на геополитички ризици.
На лондонскиот пазар цената на барелот во раното попладневно тргување беше за 45 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето во вторникот и изнесуваше 85,46 долари. Вчера тргувањето го затвори во минус од еден долар.
На американскиот пазар цената на барелот денеска порасна за 50 центи и се тргуваше по 81,33 долари. Вчера го затвори трговскиот ден со загуба од 80 центи.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во вторникот барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поскапе за 29 центи, на 86,27 долари.
Трговците беа разочарани во вторникот од податоците за залихите во САД на почетокот на летната сезона на масовни патувања. Залихите на нафта пораснаа минатата седмица за 914.000 барели, според пазарни извори кои се повикуваат на здружението на производители API. Зголемени се и резервите на бензини, за дури 3,84 милиони барели, велат изворите.
Во средата, расположението се подобри бидејќи аналитичарите опстојуваа на нивната проценка дека залихите всушност паднале за три милиона барели. Вниманието сега се свртува кон официјалните податоци кои Министерството за енергетика ќе ги објави подопцна во текот на денот.
„Се чини дека пазарот засега ја игнорира загриженоста за побарувачката, прогнозувајќи дека залихите ќе се намалат на врвот на сезоната на побарувачка во третиот квартал“, рече Сувро Саркар од „DBS Bank“.
Трговците се, исто така, охрабрени од индициите за силна физичка побарувачка. Барелите за испорака во август се за околу 80 центи поскапи од оние што треба да стигнат до клиентите во септември, забележуваат аналитичарите.
Цените се поддржани и од наводните прекини на снабдувањето од Русија поради украинските напади врз нафтената инфраструктура. Кон крајот на минатата седмицаа, украински беспилотни летала нападнаа четири рафинерии, вклучувајќи го и најголемиот производител на гориво на југот на Русија во Илское. Меѓутоа, ниту има официјална потврди за прекин на производството, ниту за запирање на испораките.
Цените беа притиснати и од посилниот американски долар во средата, кој ја кочи побарувачката на купувачите со други валути. Поттик за зелената банкнота беа прогнозите дека американската централна банка, сепак, ќе ги намали каматните стапки до крајот на годината.