Цените на нафтата над 86 долари

Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 86 долари на меѓународните пазари во петокот, балансирајќи меѓу загриженоста за понудата поради ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и знаците за послаба американска побарувачка.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување е речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесува 86,04 долари. Позначителни промени нема ниту на американскиот пазар каде со барелот се тргува по 81,35 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека во четвртокот барелот од референтната нафтената кошничка на нејзините членки падна за 47 центи, на 85,56 долари.

Инвеститорите внимателно ги следат украинските напади врз руската енергетска инфраструктура оваа седмица. Украина со дронови ги напаѓа рафинериите во пограничните области на русија Русија, а аналитичарите шпекулираат дека руските производители може да го намалат извозот поради тоа. САД го повикаа Киев да ги прекине своите напади, предупредувајќи ги властите дека ризикуваат руска одмазда и зголемување на цената на нафтата, но украинските власти одговорија дека ќе продолжат со тие удари, иако ефектот од нив е многу диксутабилен и непотврден од веродостојни извори.

Од друга страна, пак, во петокот Русија одговори со жестоки удари врз енергетската инфраструктура низ цела Украина, удирајќи ја нејзината најголема брана, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во неколку региони, соопшти Киев.

Противтежа на загриженоста за снабдувањето од Русија беа знаците за слабеење на побарувачката во САД во петокот. Залихите на бензин паднаа под нивото од девет милиони барели првпат во последните три седмици, што сигнализираше можно забавување на побарувачката на нафта.

Консултантската компанија FGE посочува дека оптимизмот е поттикнат од падот на копнените залихи на сурова нафта и главните производи во големите нафтени центри во светот во првата половина од март за речиси 12 милиони барели, според прелиминарните податоци, што е двојно повеќе од просекот за периодот од 2015 до 2019 година.

Засилениот американски долар, исто така, ги кочи цените по намалувањето на каматните стапки во Швајцарија. Имајќи предвид дека цените на нафтата се изразени во долари, тоа ја ослабува куповната моќ на купувачите со други валути, а со тоа и побарувачката.