Цените на нафтата над 86 долари

Цените на нафтата се зголемија на 86 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи инвеститорите се фокусираа на прогнозите за посилна побарувачка по пониските трошоци за задолжувањето, во услови на загриженост за понудата во услови на интензивирање на руско-украинскиот конфликт.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше повисока за 44 центи во однос на затворањето на тргувањето минатиот петок и изнесуваше 85,87 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар и се тргуваше по 81,09 долари.

Цените се поддржани од шпекулациите дека централните банки на водечките економии ќе ги намалат каматните стапки до летото и ќе ја отстранат заканата од рецесија. Инвеститорите беа охрабрени од швајцарската централна банка, која минатата седмица беше прва меѓу развиените економии што ги намали трошоците за задолжувањето за четвртина процентен поен.

Олабавената монетарна политика би ја стимулирала економската активност и побарувачката на енергија. Зголемената побарувачка, пак, може да се совпадне со намалената понуда од Русија поради честите украински напади врз руската енергетска инфраструктура, шпекулираат аналитичарите.

Друга руска нафтена рафинерија загуби половина од својот капацитет по напад со беспилотно летало во текот на викендот, изјавиле извори за Reuters, но овие податоци не се проверени и потврдени. Русија одговори со напади врз украинските постројки за производство и пренос на електрична енергија.

Позначителниот раст на цените беше запрен со проценките за значителни резервни капацитети.

Побарувачката за нафта годинава би требало да биде нешто посилна од досега очекуваното, благодарение на континуираното постпандемиско закрепнување на економијата паралелно со слабеењето на инфлацијата.

„Организацијата на земјите извознички на нафта OPEC продолжува да ја намалува понудата, што значи дека има значителни резервни капацитети“, потсетува Тамас Варга од PMV. „Оваа резерва може да се искористи доколку на пазарот навистина му недостига нафта и затоа цените во Лондон не надминуваат 90 долари“, тврди тој.

OPEC има намера да ја намали понудата до крајот на вториот квартал. Нафтениот картел одделно објави дека во петокот барелот од референтната нафтена кошничка на неговите членови падна за 68 центи на 84,88 долари.