Цените на нафтата над 87 долари, трговците стравуваат од ескалација на Блискиот исток

Цените на нафтата се искачија над 87 долари на меѓународните пазари во понеделникот, одразувајќи ги стравувањата на инвеститорите дека конфликтот меѓу Израел и палестинската група Хамас може да се прошири низ Блискиот исток и да ги загрози резервите.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 2,70 долари во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 87,28 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар, на 85,57 долари.

Во посебен извештај Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), oбјави дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки минатиот петок пoeвтинил за 1,21 долари на 87,30 долари.

Крајот на минатата седмица беше обележан со стравувања дека забрзаното темпо на вработување во САД во септември би можело да ја поттикне централната банка повторно да ги зголеми каматните стапки, што би значело послаб економски раст и побарувачка за енергетски производи.

Во понеделникот вниманието на трговците се фокусираше на нападот на палестинската вооружена група Хамас на израелска територија и одговорот на израелските вооружени сили. Конфликтот веќе однесе повеќе од илјада човечки животи и може да се прошири во целиот регион.

„Односот меѓу понудата и побарувачката остана ист“, објаснува Тамас Варга од PVM, но „зголемените тензии на Блискиот исток обично резултираат со повисоки цени на нафтата и тоа се случува сега“.

Ерупцијата на насилство може да ги загрози напорите на САД да посредуваат за зближување меѓу Саудиска Арабија и Израел и да ги нормализира саудиско-израелските односи нудејќи му на Ријад оружје за возврат.

Саудиските власти, наводно, во петокот ѝ рекле на Белата куќа дека се подготвени да го зголемат производството следната година како дел од договорот. Саудиска Арабија и Русија во моментов планираат да ја намалат понудата за 1,3 милиони барели дневно до крајот на годината.

„Прашање е докога ќе расте цената на нафтата во сегашните околности“, велат аналитичарите на Citi.

Аналитичарите предупредуваат дека конфликтот го отвори и прашањето за можното учество на Иран.

„Доколку конфликтот го зафати Иран… до три отсто од глобалното снабдување со нафта е во ризик“ објаснува за Reuters енергетскиот аналитичар Саул Кавоник.

Исто така, во понеделникот, OPEC ги зголеми своите среднорочни и долгорочни проценки за побарувачката на нафта. Тие проценуваат дека до 2045 година ќе достигне 116 милиони барели дневно, што ја зголеми минатогодишната проценка за 5,4 отсто. До 2028 година побарувачката би требало да достигне 110,2 милиони барели дневно, нешто повеќе од претходно очекуваното.

Меѓународната агенција за енергетика (IAE), меѓутоа, проценува дека таа би можела да го достигне својот врв во оваа деценија.