Цените на нафтата над 89 долари

Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари во четвртокот над нивото од 89 долари, бидејќи инвеститорите стравуваат од понудата во услови на зголемени геополитички тензии и намалени испораки од водечките производители.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за јунска испорака беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 89,38 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар, каде со барелот за испорака во мај се тргуваше по 85,40 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), во засебен извештај објави дека во средата цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки пораснала за 61 цент, на 89,58 долари.

Од минатата седмица расположението на пазарите го одредува загриженоста за снабдување поради честите украински напади врз рафинериите во Русија, која е меѓу водечките светски производители на нафта и нафтени деривати.

На почетокот на седмицата нервоза предизвика и нападот на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа неколку високи ирански воени функционери. Иран го обвини Израел за нападот и најави одговор, а пазарите стравуваат дека ескалацијата може да ги загрози испораките од Блискиот Исток.

Во средата, министрите од членките (OPEC) и нивните сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати како OPEC+ го потврдија договорот што предвидува намалување на понудата до средината на годината и побараа од поединечните земји построго да ги следат нивните доделени квоти. Групата објави дека некои членки ќе ја намалат понудата поради прекумерна понуда во првиот квартал. Русија ќе го ограничи производството наместо извозот, објави OPEC+.

„Како што сега стојат работите, се чини дека пазарот ја прифаќа (сугестијата) дека прашањето за недостаигот од дисциплина на Ирак и Русија во однос на квотите на крајот ќе биде решено и е фокусиран на спроведување на договорот за намалување на понудата до крајот на јуни“, вели Џон Еванс од PVM.

„Иако (одлуката на OPEC+) беше нашироко очекувана, инвеститорите беа донекаде уверени дека сегашната ескалација на тензиите на Блискиот исток не го промени ставот на групата за пазарот“, велат аналитичарите на ANZ во белешката во четвртокот.