Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 90 долари на меѓународните пазари во вторникот додека инвеститорите ги очекуваа извештаите за инфлацијата од САД и Кина за да ja проценат состојбата во економиите на двата водеќки светски потрошувачи.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на трговувањето и изнесуваше 90,43 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар каде со барелот се тргуваше по 86,33 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно извести дека во понеделникот барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поевтинел за 83 центи на 90,29 долари.
Трговците внимателно ја следат ескалацијата на тензиите на Блискиот исток по нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа неколку високи воени функционери. Иран, голем производител на нафта, го обвини Израел за нападот и најави одмзда.
Стравот од ширењето на конфликтот на Блискиот исток донекаде ја ублажи новата рунда преговори меѓу Израел и палестинскиот Хамас за прекин на огнот во окупираниот палестински Појас Газа. Но нервозата повторно се разгоре откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека е одреден датум за израелска инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа, забележуваат аналитичарите.
Загриженоста за снабдувањето ја подгреа и најавата на мексиканската нафтена компанија „Pemex“ дека ќе го намали извозот на сурова нафта за 330.000 барели дневно за да ја зголеми понудата на домашните рафинерии. Тоа значи дека испораките до американските, европските и азиските клиенти ќе бидат намалени за една третина. „Pemex“ веќе на почетокот од април го намали извозот за 436.000 барели дневно.
Од среда, инвеститорите ќе се фокусираат на податоците за инфлацијата во САД и во Кина во потрага по нови индикации за состојбата на економијата кај двата најголеми потрошувачи на нафта во светот. Во четврток Европската централна банка (ECB) ќе ја објави одлуката за каматните стапки.
„Извештаите ќе го одредат движењето на каматните стапки и ќе покажат дали е можно нивно намалување во 2024 година. Поради растот на цената на нафтата, тешко е да се поверува дека инфлацијата е под контрола“, објаснува Џон Еванс од PVM.