Цените на нафтата над 97 долари, ублажен утринскиот скок поради ескалацијата на украинската криза

Цените на нафтата се стабилизираа во попладневното тргување во вторникот на меѓународните пазари над нивото од 97 долари за барел, по утринскиот шок кој беше предизвикан од загриженоста за испораките по руското признавање на независноста на двата одметнати проруски региона на истокот на Украина.

Цената на барелот сирова нафта на лондонскиот пазар ICE во тргувањето попладнето беше во плус од 1,93 долари во однос на затворањето на претходниот трговски ден и изнесуваше 97,31 долари. Утрово накусо скокна на највисокото ниво од септември 2014 година, од 99,50 долари.

На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 2,96 долари повисока цена од вчерашната, од 94,03 долари. На почетокот од тргувањето накусо ја достигна највисоката цена во последните седум години од 96 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) утрово одвоено објави дека цената на барелот од кошницата референтна нафта на нејзините членки во понеделникот изнесувала 94,28 долари, што значи дека поскапела за 1,49 долари во одност на претходниот трговски ден.

Трговците внимателно го следат развојот на ситуацијата во Украина. По зачестените меѓусебни гранатирања на линијата на раздвојување меѓу силите под команда на владата во Киев и силите на проруските бунтовници, Москва во понеделникот ноќта ги призна самопрогласените „народни републики“ во Донецк и во Луганск, а реши и да испрати единици во таа област во „мировна“ мисија.

Западот сега ги разгледува новите санкции против Русија којашто и натаму негира дека подготвува инвазија врз Украина. Германија го запре процесот на сертификација на гасоводот Северен тек 2 со кој треба да се удвојат испораките на рускиот гас во оваа земја. Но, руската нафта засега не се споменува во информациите за санкциите.

„Пазарот на нафта го очекува период на превирања и нервоза, зачинети со геополитички тензии и емоции. Имајќи го предвид надвладувачкото расположение, цените на нафтата лесно во краткорочен период би можеле да се искачат на троцифрени нивоа“, коментира за Reuters Норберт Рукера од швајцарската банка „Julius Baer“.

Украинската криза им даде дополнителна поткрепа на цените на нафтата, надоврзувајќи се на ситенченото снабдување во периодот на силно опоравување на побарувачката паралелно со заздравувањето на стопанствата по пандемиската криза.

Картелот OPEC и нејзините сојузници меѓу независните произведувачи ги отфрлаат, пак, повиците следните месеци да го зголемат снабдувањето значително повеќе од планираните 400.000 барели дневно.

Нигериското министерство за нафта во вторникот го повтори ставот на ткн група OPEC+ дека снабдувањето не треба значително да се зголеми, укажувајќи на можнсота на враќање на пазарот на иранските барели, доколку Иран и САД постигнат договор за заживување на нуклеарниот договор од 2015-та. Успешните преговори на крајот би можеле да го зголемат иранскиот извоз на нафтата за повеќе од милион барели дневно.