Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 86 долари на меѓународните пазари во средата, одразувајќи ги мешаните податоци за американската побарувачка и знаците на слабост на кинеската економија.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 86,38 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 82,95 долари.
Засебно Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во вторникот поскапел за 92 центи на 87,43 долари.
На почетокот од седмицата вниманието на пазарите го привлече приближувањето на ураганот Берил кон САД. Во понеделникот ураганот мина над Карибите, достигнувајќи јачина на бура од петта категорија, а трговците почнаа да се подготвуваат за можни прекини на производството во Мексиканскиот залив.
Во вторникот вечерта, стравувањата стивнаа и вниманието се сврте кон мешаните податоци од Здружението на американски производители за залихите. Извештајот на API покажа пад на залихите на сурова нафта минатата седмицаза 9,16 милиони барели, според пазарните извори кои ги наведоа податоците, но и скок на залихите на бензин, за 2,47 милиони барели, на почетокот на летната сезона на масовни патувања.
„Падот на залихите на сурова нафта можеби донекаде го ублажи влијанието на распродажбата (на пазарот) по веста за ураганот“, напиша Џон Еванс од „PVM Oil“ во белешката за коминтентите.
Аналитичарите во анкетата на Reuters прогнозираат дека податоците ќе покажат само скромен пад на залихите на нафта и позначителен пад на залихите на бензин. Владата на САД ќе објави официјални податоци подоцна во текот на денот.
Трговците, исто така, внимателно ќе ги проверуваат податоците за побарувачката на бензини во САД, која се очекува да се зајакне почнувајќи од крајот на оваа седмица поради Денот на независноста и официјалниот почеток на летната сезона на патувања. Американскиот авто клуб проценува дека патувањата за одмор ќе бидат за 5,2 отсто повисоки од лани.
Цените беа намалени денеска и поради истражувањето кое покажа забавување на активноста во услужниот сектор во Кина. Активноста во јуни пораснала најслабо од крајот на минатата година, покажуваат податоците на консултантската компанија „Caixin“, а очекувањата на деловните лидери паднаа на најниско ниво во последните четири години поради знаците на намалена побарувачка.
Производството на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) се зголеми во јуни втор месец по ред, покажа истражувањето на Reuters во вторникот, благодарение на зголемените испораки од Нигерија и Иран кои повеќе од очекуваното го неутрализираа намалувањето на понудата од другите членки на групата и нејзините сојузници.
„OPEC+, наводно, го зголеми производството во јуни и покрај тоа што вети дека ќе ги контролира квотите до крајот на третиот квартал, и сигналот за шпекулации со падот на цените (на нафтата) испратен на пазарите и континуираната загриженост за млако закрепнување во Кина“, објаснува Ешли Келти од „Panmura Gordon“.