Цените на нафтата надминаa 83 долари

Цените на нафтата го надминаа нивото од 83 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од проценката за силниот раст на побарувачката од водечките производители и сигналот од американската централна банка за намалување на каматните стапки.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 34 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето во вторниот и изнесуваше 83,11 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 78,18 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барел референтна нафтена кошница на нејзините членки во вторникот поскапел за 98 центи на 81,43 долари.

Цените беа поддржани во средата со проценката на OPEC дека глобалната побарувачка на нафта ќе се зголеми за 2,25 милиони барели дневно оваа година и за 1,85 милиони барели дневно во 2025 година, во согласност со пресметките во јануари.

Проекцијата на OPEC за „речиси незаситна жед за нафта во 2024 и 2025 година“ ги надмина конзервативните проценки на другите институции, изјави Тамаш Варга од PVM.

Казахстан, пак, најави дека ќе го компензира хиперпроизводството на нафта на почетокот на годината во следните четири месеци за да ја исполни обврската од договорот на OPEC и неговите сојузници за ограничување на понудата.

Инвеститорите беа охрабрени и од изјавата на функционерот на американската централна банка Остан Гулсби дека во наредните месеци цените може да пораснат посилно од очекуваното, но тоа нема да го загрози пристапот кон целната стапка на инфлација од два процента. Fed не треба да чека премногу долго за да ги намали каматните стапки, додаде тој.

Пониските финансиски трошоци би го поддржале економскиот раст и побарувачката за енергија.

Поддршка на цените им даде и остриот пад на залихите на бензините и деривати во САД минатата седмица, за 7,23 милиони односно за 4,02 милиони барели соодветно, според податоците на здружението на производители API, значително посилно од очекуваното. Залихите на нафта се зголемени за 8,52 милиони барели поради периодот на одржување на рафинериите.

Официјалните податоци од американската влада ќе бидат објавени во текот на денот.